Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово го организира 36-тото искачување на Титов Врв кое се одржа вчера и денеска со учество на голем број планинари и рекреативци од Македонија, регионот и од Европа. Оваа година Титов Врв го искачија над 800 планинари.
Настанот е дел од прославата по повод Денот на Европа организирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, а искачувањето годинава има и мото со порака за зачувување на животната средина: „Планинскиот цвет и пластичниот смет не одат заедно“.
Планинарските друштва и групите планинари пристигнаа на Попова Шапка за свеченото отворање, на кое беше организирана изложба на фотографии и промотивни видеа за Шар Планина, како и планинарска дружба и забава во хотелот „Славија“.
Искачувањето почна рано наутро во 6.30 часот. Пешачењето до највисокиот врв на Шара траеше околу четири до четири и пол часа. По кратка пауза, планинарите се вратија на Попова Шапка, каде беа посужени со чај од „Пријателите на Шара“ со што манифестацијата официјално беше затворена.
Искачувањето беше проследено со акција за чистење на патеката. На учесниците им беа поделени биоразградливи кеси за отпадоци каде го складираа отпадот. Пред платото на хотелот „Попова Шапка“ беше поставен обележан пункт каде се фрлаше насобраниот смет.
- Со ова сакаме да ја подигнеме еколошката свест кај планинарите и да изградиме позитивни вредности, соопшти Планинарскиот клуб „Љуботен“, кој постои од 1925 и е најстар активен планинарски клуб во Македонија.