Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика денеска европските држави да се држат заедно во светло на новата неизвесност во врска со САД, порачувајќи дека Европа „мора да ја земе судбината во свои раце“ пред Брегзит и претседателскиот мандат на Доналд Трамп.

- Минаа времињата во кои можевме во целост да сметаме едни на други. Тоа го искусив во изминатите два дена, изјави Меркел на предизборен митинг во Минхен.

Таа истакна дека иако Германија и Европа ќе настојуваат да останат во добри односи со САД и Велика Британија, „Европејците ќе мораат да се борат за сопствената судбина“.

Меркел истакна дека посебен акцент треба да се стави на топлите односи меѓу Берлин и новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон.

Пораката на Меркел доаѓа откако Трамп вчера изјави дека се уште не донел одлука за тоа дали ќе го поддржи парискиот договор за климата.

- Конечната одлука за парискиот договор ќе ја донесам следната недела, напиша Трамп на Твитер, на последниот ден од Самитот Г-7 во Италија.