Властите, односно надлежните управни органи во соработка со Народниот правобранител да го истражат проблемот на нашите сограѓани без документи, како и проблемот со кои се соочуваат бегалците од косовската криза кои веќе 18 години престојуваат во Македонија и се уште се без решен правен статус.

Ова денеска на прес-конференција го побара народниот правобранител Иџет Мемети нагласувајќи го проблемот посебно за бегалците од Косово кои побарале помош од омбудусманот.

- Овие лица живеат под тешки услови без средства за егзистенција, без здравствена заштита, без можност за добивање на матични броеви за нивните деца и остварување на други права. Меѓу нив има бегалци на кои Секторот за азил им издава документ со кое лицето е во фаза на суспендирано враќање. Овој документ поради бојата е наречен „жолт картон“ со кој на лицата им се одложува враќањето во матичната земја, а со што истовремено и им се ограничува пристапот и остварувањето на сите права во Македонија, иако станува збор за лица кои треба да уживаат меѓународна заштита, рече Мемети.

Тој посочи еден пример во кој И.Б. како 13 годишно девојче со семејството во 1999 година пребегале во Македонија од Косово. Таа на почетокот имала статус на лице со хуманитарен третман, потоа како лице под супсидијарна заштита, а веќе шест години е лице исклучено од секакви права. И.Б. сега е мајка на четири малолетни деца, имала поднесено барање за државјанство, но тоа било одбиено. Управниот суд во 2012 и 2013 година двапати одлучил во корист на самохраната мајка, а во 2016 година без образложение и ја одбива тужбата како неоснована. Според Мемети, мајката заедно со децата живее во социјален стан издаден од Центар за социјални работи и во многу тешки услови. Како иронија, рече тој, мајката на И.Б. била по потекло од Македонија за што нејзиниот брат и сестра добиле македонско државјанство.

Според податоците на УНХЦР до кои дошол омбудсманот од вкупно 605 бегалци од Косово 154 се со таканаречен „жолт картон“, а со одбиени барања за право на азил и со прекинат статус под субсидијарна заштита.

Мемети побара од Владата и органите во чиј мандат е заштитата на бегалците сериозно да пристапат кон ова прашање и да изнајдат соодветни системски решенија со кои ќе им се овозможи пристапо до правата.

Во однос на немањето матични броеви, народниот правобранител посочи дека според податоци кои ги добиле од невладиниот сектор околу 900 возрасни Роми во Скопје и над 3.000 деца немаат никаков документ, односно не им е евидентирано раѓање.