Никола Дујовски е нов декан на Факултетот за безбедност-Скопје. Продекан за настава е професорката Наташа Пеливанова, продекан за меѓународна соработка доцент Раде Рајковчевски и продекан за наука и развој доцент Марјан Ѓуровски.
Мандатот на новоизбраниот деканатски раководен тим на Факултетот за безбедност почнува од 13 јуни 2017 година.
– Во програмата за работа на оваа високо-образовна институција за претстојните четири години се предвидени 97 мерки и активности кои ќе придонесат за промена на ликот и местото на Факултетот за безбедност. Преку нив се проектира значаен прогрес на Факултетот во високо-образовна установа од областа на безбедноста, која и понатаму ќе ја развива науката за безбедноста следејќи ги современите европски практики и стандарди, зголемување на содржините, подобрување на наставно-образовниот процес и користење современи методи на пренесување на знаењето, соопшти Факултетот за безбедност.
Според деканот Дујовски, до 2021 година како основна задача на новиот менаџерски тим е факултетот да биде иновативен и уште попрепознатлив во странство како реномирана институција за образование, истражување и развој во полето на безбедноста.
– Да даде придонес за зголемување на стабилноста и безбедноста во општеството, преку учење и спроведување истражувања и развојни активности во полето на безбедноста, изјави Дујовски.
Наставно-научниот совет на Факултетот за безбедност-Скопје на денешната седница му искажал благодарност на досегашниот декан професор Оливер Бачановиќ.