Претседателот на Владата Зоран Заев и евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешната средба разговaрале за приоритетите на новата Влада и за нејзината посветеност на европските интеграции. Ова беше прва средба на Заев по стапувањето на премиерската функција со евроамбасадорот Жбогар.
- Нема поважна цел за Македонија од евроинтеграциите и членството во НАТО. Разговаравме за сите детали и за обврските на Владата на нашиот пат кон Европската унија. Разговаравме за отпочнатите проекти и за она што значи континуитет во работењето на тој пат. Разговаравме најмногу за реформите. Ги дефиниравме приближно агендите коишто претстојат пред нас, изјави Заев по средбата.
Заев рече дека новата македонска Влада ќе направи се за да ги исполни очекувањата на ЕУ и тоа да бидат доволни причини за да биде тргната условената препорака.
- Заради тоа веднаш договараме состанок со комесарот Хан и неговиот тим. Тој ќе ги каже своите очекувања и резултати. Едното беше регуларни избори и знам дека таа пречка е веќе отстранета. Имавме регуларни и кредибилни избори и политичката криза еве веќе е завршена. Веројатно тој нешто ќе соопшти поврзано за реформите и ќе очекува резултат од нас, рече Заев.
Премиерот го запознал Жбогар со новите министри и нивните надлежности, како ќе бидат поставени советите и каква ќе биде посветеноста на интегративниот процес од секој аспект - реформи, подобрување на меѓусоседските односи, комуникацијата со Брисел и Европската унија... Целта, како што кажа Заев, е од сите можни аспекти да се придвижат процесите Македонија поскоро да стане членка на Унијата.
- Побрзо да ја тргнеме условената препорака, со реализација на реформите и со многу посветеност на сите - власт, опозиција и сите други партиципиенти во секојдневниот живот и да овозможиме надеж дека ќе отпочнеме преговори со ЕУ поскоро. Знаете тоа прашање зависи од горливиот проблем што Грција го има со нашето уставно име. Ќе работиме во тој правец и со конечна цел да предизвикаме стартно големо охрабрување и оптимизам кај граѓаните, рече Заев.
Според него, новата Влада е комплетно оптимистички настроена и би сакала оваа позитивна енергија да ја пренесе на граѓаните.
Амбасадорот Жбогар најнапред му честита на Заев за обврската што ја презема како премиер во овој, како што кажа, важен период за земјата.
- Сега имаме функционален Парламент и функционална Влада и тоа ни дава верба дека земјата излегува од кризата и дека може да се гледа на иднината со оптимизам. Исто така вчера ракометниот клуб Вардар влеа многу оптимизам кај луѓето. Сега е време да се започне вистинската работа со реформите, рече Жбогар.
Дојдов, како што кажа, да му ја пренесам на премиерот нашата подготвеност да помогнеме, да обезбедиме помош за се она што ќе и биде потребно на Владата во однос на реформите. - На крајот секако одлуките ќе бидат донесени од страна на Владата, рече Жбогар.
Евроамбасадорот кажа дека на состанокот исто така станало збор за тоа дека сите политички партии и граѓани треба да бидат вклучени во реформите потребни во евроинтеграцискиот процес.