Владата на Република Македонија која што се наоѓа на југоистокот на Европа изгледа е подготвена да го реши спорот за името кој се влече 20 години, пишува германскиот весник „Тагесцајтунг“ во своето денешно онлајн издание.
Според весникот суштината на спорот е дали Македонија може да се нарекува себе си Македонија. Затоа што Грција го негира ова, владата во Атина ги блокираше сите обиди оваа поранешна југословенска република да стане членка на ЕУ и НАТО. Грција се плаши дека земјата со име Македонија ќе бара територија од северната грчка провинција Македонија, пишува весникот, според кој поранешниот премиер Никола Груевски дотурил масло на огнот кога во рамки на проектот Скопје 2014 година поставил споменик на Македонскиот крал и грчки национален херој Александар 2.
- Вчера во Брисел македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров започна нов обид неговата земја да стане членка на ЕУ. Во среда тој сака да се сретне со грчки владини претставници и да понуди добрососедство. Грчката левичарска влада на СИРИЗА гледа причини за оптимизам, затоа што националистичките кругови околу Груевски ја загубија моќта во Скопје, смета весникот.
Сега останува прашањето како земјата со 2,1 милиони жители ќе се вика во иднина. Германското Министерство за надворшени работи ја нарекува ПЈРМ, а САД и ОН ја користат кратенката ФИРОМ. Двете кратеники значат „поранешна југословенска република Македонија“, се вели во текстот на „Тагесцајтунг“, пренесува дописникот на МИА од Берлин.
Авторот на текстот пишува дека постои и друг предлог како „Горна Македонија“, но грчките претставници предупредуваат на преголемо збрзување при решение на спорот, а Димитров се надева дека во текот на следните месеци страните би можеле да се договорат.
Тогаш би требал да биде организиран референдум на кој Македонците ќе треба да се согласат со новото име на нивната земја, а како што наведува весникот, доколку влезот во НАТО трае предолго тогаш Македонија би можела да влезе со провизорното име од ОН, ФИРОМ.