Има големо задоволство што нашата соседна земја го најде патот кон стабилноста, изјави грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по денешната срдба со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во Атина, и ја поздрави како што рече „пријателската посветеност која е искажана на сите нивоа, почнувајќи од премиерот Заев“.

– На состанокот му нагласив на Димитров и сакам јавно да го искажам тоа, дека Грција го поддржува територијалниот интегритет на нашата соседна земја, ја поддржува нејзината стабилност, суверенитет, немешањето на трети страни во нејзините домашни работи и мој совет до разни страни би бил да не се мешаат во нашите односи. Ние бевме против секакви санкции против нашата соседна земја, имаме чиста стратегија и не остапуваме, изјави Коѕиас.

Тој изрази увереност дека развојот на односите меѓу двете земји, зајакнувањето на довербата, ќе ги олеснат разговорите за отворените проблеми и кога времето ќе созрее и двете страни ќе бидат подготвени за разговори за отворените прашања.

– Веруваме дека промовирањето на културата на консензус и разбирање на Балканот генерално, ќе ги олесни нашите односи со сите држави и ќе придонесе за развој на подемократски, поевропски политички културни земји, рече грчкиот дипломат.

Коѕиас истакна дека сака Македонија да биде дел од разни меѓународни оргнизации и оти Грција е отворена да ги поддржи тие напори, но откако прво ќе биде решено прашањето за името.

– Ова е услов и верувам дека мораме и можеме да работиме со цел постигнување добар компромис кој ќе биде од полза за двете страни. Да придонесеме и да помогнеме на нашите граѓани, на нашите општества да сфатат дека може многу повеќе да се постигне ако одиме надвор од историските пречки и да не инсистираме на конфликти кои не водат никаде, истакна Коѕиас.

Тој истакна дека Грција сака и во минатото предложи конкретни решенија за отворените проблеми што постојат меѓу двете земји, но во исто време, подвлече дека без оглед на Атина, односите меѓу двете земји мора да одат напред и пријателството меѓу нивните народи треба да биде зајакнато.

– Грција сака целиот регион на Западен Балкан, согласно желбите на земјите од регионот, да станат дел од евроатлантскиот систем. Прашањето е во колкава мера самите земји го сакаат тоа. Не може да очекуваат ние повеќе да сакаме од нив да станат дел од евроатлантските интеграции. Не може да се повикуваат на нас за нешто што е од нивен поголем интерес. Ние сме заинтересирани тие да станат дел од евроатлантските структури, но и тие треба да го сакаат тоа уште повеќе од нас, истакна Коѕиас.

Тој повтори дека во февруари 2015 на неговите европски партнери им рекол дека не треба ПЈРМ да ја третираат на начин на кој што ќе се научи дека не мора да се постигнуваат компромиси затоа што тоа ќе се рефлектира на внатрешната состојба, а потоа тоа ќе се одрази и на нејзините меѓународни односи.

– И потоа се појави криза во земјата што не се должи на одлуката од Букурешт, туку причината што доведе до кризата е тоа што претходната влада, и тоа јавно сум го кажал, воопшто не практикуваше постигнување компромис и прашањето за името од географски проблем го претвори во проблем со идентитетот. Што се однесува до ПЈРМ, ако тоа го сака земјата, сакаме да стане членка и на НАТО и на ЕУ, и како што кажав уште на почетокот, ова може да се оствари со изнаоѓање компромис за прашањето за името и во ОН да се потпише нов договор, потоа да се отиде во Брисел и тој нов договор да се објави и да се запознаат бриселските инситуции со тој нов договор, нагласи Коѕиас.

Тој истакна дека според официјаните позиции на Грција, потегот на Атина од 2008 година не може да се смета за акт на непријателство.

– Она што следеше потоа е друга работа, но самиот акт не може да се смета за акт на непријателство. Секоја страна се бори да ја одбрани својата позиција во рамите на надворешната политика како што знае и како што умее. Јас не сметам дека ставовите, позициите на моите пријатели од север се непријателски, ве молам не ги сметајте нашите активности како непријателски. Грција сака да му помогне на нашиот сосед и покрај кризата низ која што минавте, вие сте една од најсилните земји на Балканот. Според мене, ако сте најсилни, тоа значи дека имате повеќе обврски, а не повеќе права. И се надевам дека ќе најдеме начин, ќе најдеме заеднички пат кој што ќе биде коректниот пат кој ќе води до взаемно прифатлив компромис и кој ќе овозможи понатаму да ги негуваме односите меѓу нашите две земји, подвлече грчкиот министер.

Тој додаде дека со денешните дискусии нема да се реши прашањето, но се гради позитивна клима.

– Ја имаме позитивната рамка за решавање на ова прашање и уште еднаш му благодарам на Никола за ваквата позитивина клима. Не е доволно само да имате добри намери туку потребни се и напори за изнаоѓање решение, заклучи шефот на грчката дипломатија.