Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевљут Чавушоглу престојува во работна посета на Република Македонија. Посетата на високиот гостин од Турција, која е прва посета на еден министер за надворешни работи на Република Македонија по формирањето на Владата, е уште една потврда за високото ниво на билатерални односи со оваа традиционално пријателска земја, но и за посветеноста на Република Македонија во унапредувањето на соработката со земјите во Регионот, а во согласност со европските и евроатлански вредности и стандарди.
На тет-а-тет средбата со својот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и на пленарните разговори меѓу двете делегации, беа разменети мислења за прашања поврзани со билатералните односи, како и за можностите за унапредување на соработката преку конкретни активности во повеќе области. Посебен акцент беше ставен врз потребата од натамошно развивање на економската соработка и покрај досега постигнатите резултати на ова поле.
Во разговорите, беше потенцирана успешната соработка во рамките на регионалните иницијативи и на мултилатерално ниво, при што министерот Димитров се заблагодари за конзистентната поддршка на Република Турција за евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија.
Во разговорите беа разменети мислења и за заедничките предизвици со кои се соочуваат нашите земји во контекст на миграцијата, борбата против тероризмот, радикализмот и насилниот екстремизам и можностите за унапредување на соработката бидејќи овие предизвици бараат заеднички пристап за нивно решавање.
Во рамките на посетата, министерот Чавушоглу беше примен од претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и од претседателот на Владата Зоран Заев.
Заедничкото присуството на министерите Димитров и Чавошоглу на Ифтар вечерата што Амбасадата на Република Македонија вечерва ја организира во чест на високите гости, претставува потврда како за пријателството што двете земји го негуваат, така и за потребата на нејзините граѓани од негување на традициите, меѓусебно запознавање и заемна почит.