Американската војска ќе влезе мирољубиво на територија на Македонија со цел да ја одржи својата прва заедничка воена вежба на воениот полигон Криволак.
Како што соопштија од Владата, ова е добар сигнал и за аспирациите на Македонија за влез во НАТО.
„Владата одлучи да дозволи мирољубив влез на вооружени сили од САД, за вежбовни активности на Криволак. Станува збор за прва ваква вежба во Македонија и можност нашата држава да покаже логистичка подготвеност за одржување и други вакви регионални вежби во иднина што се оценува дека е добар сигнал и во рамки на НАТО аспирациите на Македонија“, се вели во соопштението на Владата.
Криволак е еден од најдобрите воени полигони поради својата природна конфигурација и често на него се одржуваат заеднички воени вежби. Инаку низ светот постојат десетина елитни локации на кои моќните армии со нивните најдобри единици изведуваат вежби за најразлични ситуации и сценарија.