Лекарската комора на Република Македонија соопшти дека Предлог – законот за докторска дејност е нецелоцен и треба да биде подложен на дополнителна доработка за да биде функционален и корисен за сите структури на докторската фела и системот во целина.

Во однос на Предлог-законот за докторска дејност на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и соопшението во кое се вели дека законот е изготвен во соработка со Лекарската Комора на Македонија, од ЛКМ наведуваат дека на Законот за докторска дејност работеле со години, а основите на една таква законска рамка се иницирани и почнати пред повеќе од 10 години.

– Во целиот тој период се менуваа и дополнуваа различни верзии на одредбите на едно вакво законско решение и тоа во мандатите на повеќе раководства на Лекарската комора, а Предлог закон за докторска дејност, речиси идентичен со овој чиј подносител е пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е подготвуван повеќе од две години во Лекарската комора на Македонија од страна на посебно делегирана комисија, истакнуваат од ЛКМ.

И покрај укажувањата дека е потребна негова доработка, посочуваат од Лекарската комора на Македонија, тој е усвоен со 34 гласа од вкупно 69 делегати, на последното Собрание на претходниот состав на ЛКМ одржан на 23 февруари.

Според Лекарската комора на Македонија, станува збор за состав кој, иако беше со изминат мандат подолго од една година, не само што усвои текст на Предлог-закон за докторска дејност, туку донесе и измени и дополнувања на Статутот на ЛКМ, правилнци, деловници и други значајни акти за работата на оваа професионална асоцијација со јавни овластувања.

– Тој и таков Предлог закон потоа е испратен во Министерството за здравство во средината на март. Лекарската Комора на Македонија, со идејата за подготовката на овој закон имаше единствена цел – да се подобрат условите и работата на докторите, односно со еден таков нормативен акт да се утврди местото, улогата, правата и обврските на докторите, односно докторската дејност јасно да се дефинира како дејност од јавен интрес, се наведува во соопштението.

Лекарската комора, се додава во соопштението, нема да дозволи нејзиното експертско знаење и стручност, како и обезбедување на подобри услови за работа на докторите, да биде цел на злоупотреба за дневно политички и партиски цели.