Агендата на денешната посета на еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан почнува попладне околу 13 часот со тет-а-тет средба со премиерот Зоран Заев, а околу половина час подоцна е предвиден почетокот на тематската седница на Владата посветена на итните реформски приоритети за евроатланските интеграции на којашто ќе присуствува и Хан.
Како што соопштија од прес-службата на Владата, премиерот Заев ќе се сретне со еврокомесарот Хан во 13.10 часот. Тет-а-тет средбата, која е предвидено да трае 15 минути, ќе биде во кабинетот на Заев.
Во 13.25 часот треба да почне средбата на делегацијата на Владата, предводена од Заев, а во чиј состав ќе бидат вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров со делегација на Европската Унија предводена од еврокомесарот Хан.
За во 13.40 часот е закажан почетокот на тематската седница на Владата за итните реформски приоритети на која што ќе присуствува еврокомесарот Хан.
Заедничката прес-конференција на премиерот Заев и на еврокомесарот Хан е закажана во 14.45 часот.
Како што е најавено, Хан во рамките на денешната посета на земјава треба да се сретне и со лидерите на политичките партии, но засега нема информации за термините за овие средби.