Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука со којашто укажува на АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор да издвои средства во висина од 7 милиони денари од приходи од тековното работење на ова акционерско друштво, за итна набавка на клима уреди за потребите на Телеком Арената во Скопје, на којашто треба да се одигра натреварот во рамки на УЕФА Супер купот. На претпријатието му се укажува останатите 4 милиони денари да ги резервира наменски за евентуални дополнителни тековни потреби. На седницата на Владата е информирано дека е договорено и со ФФМ да обезбеди резервни 5 милиони денари. Со тоа се создадени услови за довршување на реконструкцијата на стадионот и за одржување на меѓународниот натпревар согласно стандардите на УЕФА, за што тим на организацијата ќе дојде следниот месец во земјава да направи проверка.
Владата ја разгледа информацијата од Министерството за здравство за изградбата нов објект на Клиничкиот центар во Скопје. Констатирани се повеќе проблематични делови во врска со постапката, локацијата и други прашања поврзани со проектот. Донесена е одлука премиерот, министерот за здравство и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања да одржат состанок со претставници на Европската централна банка за да се изнајде соодветно и трајно решение за новиот Кличнички центар како исклучително значајно прашање за потребите на граѓаните од цела Македонија.
На денешната седница, Владата одлучи да бидат формирани три координативни тела што ќе бидат посветени на постигнување поголеми резултати во ангажираноста на домашните компании при реализацијата на странските инвестиции, на анализа на мерките за привлекувањето странски инвестиции, што досега изостанува, како и на мерки за консолидација на енергетиката со цел реализација на квалитетна државна ененргетска стратегија.
Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за користењето и имплементацијата на ИПА фондовите, при што се задолжени повеќе министерства и правосудни органи да достават статуси за исполнување на предусловите за користење ИПА фондови, да организираат состаноци на високо ниво за целосно искористување на ИПА I во правосудниот сектор, како и со цел зајакнување на административниот капацитет на повеќе институции. Задолжени се сите институции кои набавиле возила преку европски фондови / ИПА средства во последните 3 години, да подготват и достават извештај, со број на набавени возила, употребна состојба на возилата и корисник, до Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 29.06.2017 година. Исто така на владината седница е заклучено Секретаријатот за европски прашања до крајот на јули да излезе со информација за досегашната вкупна искористеност на ИПА фондовите од страна на институциите во земјава, како и можните злоупотреби на пари од овие фондови.
Владата на денешната седница го разгледа извештајот за работењето на Инспекцискиот совет. Поради констатирани злоупотреби на инспекциски служби, донесен е заклучок за утврдување стратегија со слабостите и предностите во функционирањето на Инспекцискиот совет во функција на негова објективна и непристрасна работа.