Судското рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство во врска со настаните пред општина Центар во јуни 2013 година, што требаше да се одржи денеска во скопскиот Кривичен суд, е одложено за 28 септември.
Судијката Татјана Михајлова го одложи судењето бидејќи списите на предметот се во Апелацискиот суд кој решава по жалба на СЈО за казните што им беа изречени на обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи на едно од претходните рочишта.
Во овој предмет се обвинети 14 лица, од кои пет како поттикнувачи, а останатите како директни извршители на насилството. Меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер Миле Јанакиески и актуелната пратеничка во Собранието и поранешна советничка во општина Центар Даниела Рангелова, кои денеска дојдоа во Судот.
На денешното рочиште беа пристуни и градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, како и општински советници.
Специјалното јавно обвинителство го покрена овој случај на 15 септември минатата година.