Обвинителката Ленче Ристовска денеска најави дека ќе поднесат жалби против решенијата на Кривичниот суд во врска со барањата за одредување притвор и мерки на претпазливост на осомничените од предметите за кои Специјалното јавно обвинителство поднесе обвиненија.

- Наши законски права коишто ги имаме во постапката е правото да вложуваме правни лекови и во текот на оваа недела зависно како истекува правото на жалба ќе бидат поднесени жалби против решенијата и навремено ќе ве известиме, рече Ристовска по одложувањето на рочиштето за „Тврдина 2“ .

Додаде дека јавноста ќе биде информирана за сите жалби и за причините поради кои се одбиени нивните барања.

Ристовска очекува од септември да започнат судењата, а за денешното одложување на рочиштето за „Тврдина 2“, кажа дека обвинетите имаат нови адвокати, за што, како што рече, имаат законско право.

- Обвинетите имаат право на одбрана. Со оглед дека имаат нови адвокати не можеме да го негираме тоа право, тоа е право што законски им следува, истакна Ристовска.

Обвинителката појасни дека „Тврдина“ и „Таргет“, кои при подготовка на обвинителниот акт се споија во едно обвинение се различни од „Тврдина 2“.

Основниот суд Скопје 1 - Скопје досега не ги прифати барањата на СЈО за одредување притвор, а на 35 лица им одреди мерка на претпазливост односно одземање патна исправа и обрска да се јавуваат во Судот.

Се очекува Судот денеска да ја соопшти и последната одлука во врска со барањето на СЈО за предметот „Титаник“.