Судскиот совет на Република Македонија на вчерашната седница донел одлука да се ставаат вон сила сите активни огласи за избор на судија или претседател на суд, поради повторно огласување.
Како што е наведено во соопштението на седницата бил усвоен Годишниот извештај за работа на Судскиот совет на Република Македонија за 2016 година.
Донесени се одлуки за избор на претседатели на основните судови во Гевгелија, Свети Николе и Крушево.
– За претседател на Основниот суд Гевгелија е избрана судијата Злата Попова, за претседател на Основниот суд Свети Николе е избран судијата Тодор Поп Панев, за претседател на Основниот суд Крушево е избрана судијата Домника Зерде Курета, а за претседател на Управниот суд е избран судијата Бурим Сејдини, се наведува во соопштението од Судски совет.
Во Основниот суд Куманово, како што информираат од Судскиот совет, не е избран претседател, бидејќи пријавените кандидати не го добиле потребното мнозинство гласови.
– Донесена е одлука со која за вршител на должност – претседател на Основен суд Ресен се определува судијата Емељ Кранли Али, се додава во соопштението.
Судскиот совет констатирал престанок на функција на судии-поротници во основните судови Берово и Свети Николе, по предлог на претседателите на судовите поради истек на мандатот за кој се избрани и донесена е одлука за избор на судии-поротници во овие два основни суда. Исто така донесена е одлука за избор на судии-поротници на Основен суд Радовиш.
На седницата донесена е одлука за времено упатување за вршење на судиска функција на судија Шукри Сабриу од Основен суд Скопје 1 Скопје во Основен суд Гостивар, најдолго за период од 1 година од денот на упатувањето.
– Донесени се одлуки со кои се определени известители од редот на членовите на Судски совет на Република Македонија по поднесени барања за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција од Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, се додава во соопштението.
На седницата донесени се решенија за престанок на судиска функција на Даница Павлоска и на Анка Хаџи Ристеска, судии на Основен суд Прилеп, поради навршени 64 години.
Судијата на Основен суд Скопје 2 Скопје Радмила Карановиќ е номинирана за член во Националното координативно тело против семејно насилство, се наведува во соопштение од Судскиот совет на РМ.