Во изјава за порталот мкд, адвокатот Звонко Давидовиќ потврди дека ќе се кандидира за местото Јавен обвинител на кое што до сега, повеќе од осум години, беше Марко Зврлевски за кого во процедурата е неговото разрешување.

“Точно е дека ќе поднесам кандидатура за Јавен обвинител на Република Македонија. Јас сум долги години во оваа проблематика и работите ми се доста познати. Години наназад јавно и отворено зборувам за сите проблеми во судството и обвинителството. Обврска на оној кој ќе седне на тоа столче и кој ќе го добие тоа работно место е да ги расчисти сите сомнежи и недовербата која во моментов постои во обвинитеслтвото и судството. Столчето за Јавен обвинител не е привилегија, ниту фотелја за годишен одмор, туку е жешко столче кое бара огромна одговорност. “ - изјавил Звонко Давидовиќ.

Покрај ова во интервју за макфакс, адвокатот Александар Наков кој порано беше јавен обвинител и судија исто така потврди дека ќе се кандидира за местото на Зврлевски.

Се очекува оваа или наредната недела и официјално да биде разрешен Марко Зврлевски а потоа да почне процедурата за избор на нов Јавен обвинител.

Според тоа што може да го видиме досега во јавноста, изборот за наследникот на Зврлевски ќе биде доста интересен, пред се во внатрепартиските кругови на СДСМ, од каде што и треба да дојде новиот обвинител иако Премиерот Заев најавуваше дека на тоа место ќе се постави независен стручњак докажан во фелата а исто така во предизборната кампања најавуваше и дека новиот обвинител ќе биде на предлог на опозицијата.