Со свечена церемонија во центарот за обука „Пепелиште“, беше затворен осмиот меѓународен високо-образовен обранбено безбедносен проект „Летен кампус 2017“.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на свеченоста заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, посочи дека Летниот кампус претставува пример за меѓународната соработка и партнерството на земјите од регионот и пошироко во областа на военото образование и одбраната.

– Сите земји учеснички се наши долгогодишни партнери кои се посветени на градење квалитетни кадри и подготвени се за инвестирање во идните генерации офицери, рече Максути и додаде дека со овој проект Република Македонија уште еднаш покажа дека е силно посветена на процесот на изградба на капацитети кои се неопходни за новите безбедносни предизвици.

Заменик-министерот истакна дека оваа година Летниот кампус се разликуваше од претходните, по тоа што фокусот беше ставен на академската елаборација на различни теми, но со иста цел – воспоставување моќна мрежа на идните офицери и нивна подготовка за идна интероперабилност и соработка, рече замник-министерот.

– Вашите високи воени знаења и вештини, вашите лидерски способности, креативност, храброст, етика и интегритет им се потребни на националните вооружени и безбедносни сили, но и на меѓународната заедница. Вашето школување во исти клупи, на исти полигони за обука, заедничките меѓусебни пријателства се влог за висока меѓусебна доверба и соработка во регионот и пошироко во НАТО и ЕУ, порача заменик-министерот на питомците-учесници на Кампусот.

„Летниот кампус 2017“ започна на 27 јуни, а дел од него беа 116 питомци од 12 земји како и студенти од Универзитетите во Република Македонија. Најголем дел од земјите учеснички се водечки земји членки на НАТО меѓу кои Соединетите Американски Држави, Германија, Норвешка, Полска, Чешка, Романија, Бугарија, Албанија, Црна Гора, како и земјите од регионот Босна и Херцеговина, Косово и Република Македонија како домаќин, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.