Владата на денешната седница усвои решенија за разрешување на членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица.
Разрешувањето, според соопштението од владината служба за информирање, е со цел да се спречат понатамошни штети по Буџетот на Република Македонија од неодговорното однесување на дел од членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, за кои постојат информации дека биле потпишувани штетни менаџерски договори и оти биле именувани луѓе на менаџерски позиции со надоместоци со астрономски износи.
Исто така, одлучено е да се отповикаат членови на комисии и членовите на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а за регулаторните тела да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието на Република Македонија.