„Г-дине Таравари, непотребни се вакви непримерни и невистинити изјави и не треба да бидат одлика на еден министер во Влада кој има толку одговорен ресор кој ги засега сите граѓани на Република Македонија.

Не дефокусирајте и преземете одговорност за позицијата за која што Ви дале мандат и решавајте проблеми на осигурениците и здравствените работници и почнете да ги реализирате проектите кои толку гласно ги најавувавте.

Добро е што после месец и две недели од Вашето назначување се сетивте дека постои Фонд за здравствено осигурување на Македонија и ние сеуште ја чекаме Вашата прва официјална покана да оствариме работна средба со Вас.

Фондот непречено функционира а јас како директор ги извршувам моите обврски согласно закон на дневна основа.

Инаку, ако не сте знаеле, во сегашните законски одредби, Вие како Министер имате надлежност врз работењето на Фондот, не заборавајќи притоа дека сите важни одлуки на Фондот, се носат на Управен одбор, а потоа Вие како министер директно давате Ваша согласност.

Фондот за здравство изминатите години прерасна во институција која е отворена за граѓаните, која решава проблеми и имплементира проекти за подобрување на здравствениот систем.

Колега Таравари, дали знаете, ако е точно тоа што го прочитавме во одредени медиуми, дека со одлука на Влада се разрешени сите членови на Управниот одбор на ФЗОМ?

Доколку е тоа точно, тогаш Ве прашуваме, кој ќе ја сноси одговорноста, зошто Вие и Владата ги разрешивте сите членови на Управниот Одбор на ФЗОМ, кој е надлежен орган за одлучување во втор степен по жалби за лекување во странство, со што ја парализирате институцијата во носење на одлуки и директно го загрозувате здравјето на осигурениците?“ - изјави Др. Сашо Стефаноски, директор на Фондот за здравствено осигурување.