Во Министерството за внатрешни работи на брифинг за новинари денеска беа презентирани фактури и сметки од ручеци на поранешните раководства на МВР, УБК и на БЈБ.

Според изнесените расходи на репрезентација во периодот од 2011 до 2016 година, администрација на МВР потрошиле вкупно 15.759.820 денари, во Бирото за јавна безбедност 28.883.563 денари, додека во Управата за безбедност и контраразузнавање вкупно 34.668.186 денари.

Претставниците на МВР на брифингот посочија дека просечна сметка од речек изнесува 500 евра, а неколку се направени на специфични датуми.

Според приложената копија од фактура од 12 април 2012 година, кога се случи петкратното убиство кај Смилковско Езеро, УБК во еден скопски ресторан направило сметка од 29.860 денари. На менито имало различни специјалитети – печурки на жар, тиквички, месо, пити. На фактурата се гледа дека се потрошени над 5.000 денари само за десерти.

На друга сметка се гледа дека вработени во МВР нарачувале равиоли со фазан што чинат 1.200 денари, дивеч во ловечки сос што чини, исто така, 1.200 денари, бифтек од дивеч што чини 5.000 денари, потоа карпачо од коњ 2.000 денари, стек од бизон 5.900 денари и стек од коњ 4.500 денари. Јаделе и елен во сос од вргањ што чини 1.200 денари. Сметката што ја направиле за еден ручек или вечера е 38.350 денари.

На друга фактура од 6 јули 2011 година, на менито на УБК биле гамбери на жар што ги чинело 1.271 денар, за риба во фурна платиле 13.700 денари, а за мешано месо на жар 1.016 денари.

На брифингот беше посочено дека досега не било уредено што се може да биде наведено како репрезентација и дека немаат конкретни податоци кој, како и врз основа на што запишувал и одобрувал исплата на службен трошок, поради, како што рекоа, големиот број на сметки и фактури, но дека законски право на потпис имаат само директор, заменик директор, шеф на кабинет и овластено од нив лице.

Освен трошоци на фактура, раководството на МВР, ДБК и БЈБ располага и со службени картички, за кој како што посочија на денешниот брифинг, немаат податоци колку изнесува дневниот лимит. Поранешниот директор на УБК од 2008 година до неговото разрешување, на службена картичка потрошил 1.104.773 денари, додека неговиот заменик 2.387.866 денари. Поранешниот министер за внатрешни работи на службена картичка потрошил 1.320.195 денари. Директорот на БЈБ во периодот 2008-2013 година потрошил 617.100 денари на службена картичка, додека директорот на БЈБ во периодот од 2013 до 2016 година 1.387.389 денари.

Фактурите и смектите, според претставниците на МВР, покажуваат дека има индикации за злоупотреба на службена положба, поради што посочија дека ќе биде побарано ревизија и подетална истрага.