Претседателот на Собранието, Талат Џафери на почетокот на денешната седница, по кратка дискусија, по која настана галама во собраниската сала, на неговиот монитор постави лист со натпис на англиски јазик, на кој пишуваше „Silence please“.
Кога пристигна во Собранието, министерот Тевдовски рече дека има целосна почит кон Собранието и дека бара и тоа да има почит кон него и навреме да биде известуван за точното време на седниците. Тој побара од Џафери да ја врати точката на дневен ред, што Џафери го одби.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара дневниот ред да се дополни со точката за увид на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Тој рече дека доколу оваа точка биде отфрлена, тогаш принципите за транспарентност ќе паднат во вода како предизборно ветување на Владата или како фрази кои се користат пред меѓународната заедница.
Предлогот беше отфрлен со 55 гласа, а „за“ гласа 40 пратеници.
Откако пратениците го усвоија дневниот ред, Џафери ја одложи седницата за 15 часот поради седницата на собраниската Комисија за европски прашања, која го разгледува планот „3-6-9“ на Владата за итните реформски приоритети.