Со реплики и контрарекплики на опозицијата денеска во Собранието на Република Македонија продолжи расправата по Предлог завршната сметка за Буџетот за 2016 година.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во денешната расправа истакнаа дека Завршната сметка на Буџетот е одраз на сработенотo и на сите реализирани ветувања.
Посочија дека во времето на владата предводена од нивната партија се трошело домаќински, се зголемиле платите, пензиите и социјалната помош, а редовно биле давани и субвенциите, извозот бил пораснат благодарение на отворените странски компании. Забележаа дека е погрешна политиката на сегашната влада да ја сопре реализацијата на значајни инфраструктурни проекти како што се автопатите и регионалните патишта. Обвинија дека од СДСМ едно ветувале пред избори, а сега го прават спротивното.
“Сите проекти кои што се од извонреден карактер како што се автопати и регионални патишта мора да продолжат да се градат и да се најдат пари. Попрво треба да се најдат пари за нив отколку за нови вработувања на министрите и администарцијата, рече Владанка Авировиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека СДСМ едно ветувале пред избори, а сега го прават спротивното притоа посочувајќи на ветувањето за укинување на радиодифузната такса и на најавата на УЈП дека ќе врши присилна наплата на заостанатиот долг за оваа такса. Димовски рече дека ветувале и 140 милиони евра на годишно ниво за мали и средни претпријатија, а со Ребалансот на буџетот одвојуваат 1,4 милиони евра.
Пратениците од СДСМ пак во вчерашната расправа посочија дека претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не водела сметка за подобар и подостоинствен живот на граѓаните. Расправата по оваа точка од дневниот ред продолжува
Инаку по Завршната сметка за Буџетот, собраниската расправата за ребалансот на буџетот стартува во понеделник во Комисијата за финансирање и буџет, а пратеничките групи имаа рок до денеска да поднесат амандмани. Според информациите , досега имало поднесено околу 1000 амандмани. Најголем дел од нив ги поднела ВМРО-ДПМНЕ, а само неколку ДУИ.
Според предложениот ребаланс се предвидува дефицитот на Буџетот да остане 2,9 отсто од БДП, а предвидениот раст да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто.
Предвидено е кратење на расходите од 48,7 милиони евра и на капиталните инвестиции за исто толку, а предвидено е да се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти.
Со ребалансот , како што најавија од Владата се кратат непродуктивните трошење во институциите, Владата и кај Претседателскиот кабинет. Речиси 7 милиони евра ќе биде покус буџетот на премиерскиот кабинет, а се крати и во кабинетот на претседателот на државата.