Премиерот Зоран Заев на затворена седница на собраниската Комисија за надворешна политика, на која присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи и претседатели на соодветни комисии, ќе го презентира Нацрт-договорот за добрососедство на Република Македонија со Република Бугарија.

На почетокот на седницата беше постигнат договор меѓу премиерот Заев и пратениците од владејачкото мнозинство и пратениците од опозицијата по затворањето на седницата премиерот да го образложи Нацрт-договорот и пратениците да имаат увид во него.

Пред гласањето за тоа дали седницата да биде затворена или не претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски посочи дека членовите на Комисијата треба да добијат материјал па потоа да гласаат за предлогот дали седницата да биде отворена или затворена за јавноста. Трајко Вељаноски, претседателот на Комисијата за надзор над следење на комуникациите рече дека треба да има некаков материјал за да се види степенот на доверливост и да може да се проверат сертификатите на присутните на седницата.