Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија го признава уставното име на Република Македонија и покрај признавањето на Косово. Изјавата доаѓа откако српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на средба со грчкиот колега Никос Коѕиас изјави дека Србија направила грешка што го признала македонското уставно име.

– Србија тоа го призна, иако Македонија ја призна независноста на Косово, што сигурен сум беше спротивно на волјата на нејзиното население, изјави Вучиќ на прашање на Македонската телевизија.

Српскиот претседател беше во посета на Вашингтон, каде имаше средба со потпретседателот Мајк Пенс.

На получасовната средба меѓу српскиот претседател и американскиот потпретседател во Белата куќа било разговарано за отворените прашања на Балканот, вклучително и за спорот со името на Македонија, статусот на Косово и ситуацијата во Босна и Херцеговина. Двајцата државници се согласиле дека сите спорови треба да се решаваат на мирен начин преку дијалог. Се очекува Пенс да разговара повеќе за ситуацијата на Балканот на средбите со лидерите од регионот во Подгорица на 2 август. Американскиот потпретседател изразил загриженост за руското влијание во регионот и истакнал дека новата американска администрација поддржува економска соработка меѓу балканските држави.