По пауза од две години, Република Македонија и Европската унија, денеска во Брисел го одржаа 13. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација на кој македонската држава ја претставуваа вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, додека во име на ЕУ со состанокот ко-претседаваа Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението по денешнито Совет меѓу ЕУ и Македонија е наведена „потребата да се воспостави одговорност за прислушувањето и нападите во Собранието на 27-ми април, да се обезбеди судска независност, слобода на медиумите, слобода на изразувањето, почитување на човековите права и реформата на јавната администрација“.
Исто така, Советот за стабилизација и асоцијација, денеска повика и на одржување на повеќе долгорочни мерки за градење на доверба, на политичко ниво, но и повеќе проактивни политики за понатамошно зголемување на довербата и изградба на мостови меѓу заедниците. Притоа, Советот потсети дека регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински и ги поздрави првите чекори што ги презеде новата влада, како и активното учество на земјата и конструктивниот пристап во иницијативите за регионална соработка.
Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, на прес-конференција по состанокот истакна дека тој поминал одлично и дека се покриени разни теми, што според неа е одраз на новото чувство на оптимизам и нов почеток за земјата.
– Тоа ни овозможува повторно да го ставиме фокусот на вистинската агенда. Скопје мина низ сериозна и долга политичка криза изминатата година, при што ЕУ застана цврсто до вас во тешкиот период во земјата со цел постигнување на политички дијалог кој најде решение во согласност со Уставот. Мило ни е што денеска имаме нов почеток за земјата, оптимизам и силна заложба за сите енергии да се насочат на реформите што се потребни за граѓаните, а со цел интеграција во ЕУ, порача Могерини.
Додаде и дека денеска со македонската страна разговарале и за состојбата како да се придвижат работите напред во реформите и во добрососедските односи, со нагласена потреба за добри меѓуетнички односи во земјата и инволивираност на конструктивна парламентарна опозиција.
Могерини беше децидна дека на Брисел му е мило што се преземени сите чекори, особено во односите со соседите, посочувајќи дека договорот со Бугарија денеска е на дискусија во македонскиот Парламент и дека ЕУ тоа го поздравува. Таа, исто така го поздравува и духот на новата заложба што го покажува новата Влада со планот „3-6-9“, што според неа покажува јасно дека Владата е подготвена активно да се вклучи за примената и имплементацијата на реформите кои водат на патот кон интеграција во ЕУ.
– Интеграција на целиот регион во Унијата за нас е јасна перспкетива и тоа го потврдиме минатата недела на самитот за Западен Балкан во Трст. Сигурна сум дека ќе можеме значително да го придвижиме процесот на интегрирање на земјата. Оваа перспектива, перспективата на интегрирањето на БЈР Македонија во ЕУ е клучен дел на нашиот ангажман во Западниот Балкан и денес го потврдивме нашиот став во врска со тоа. Сигурна сум дека заедничка работа ќе вроди со реални плодови, заврши Федерика Могерини.