Воено теренски возила, опрема и лично вооружување, медицинска опрема, заштитна опрема, опрема за детекција на експлозивни средства беа презентирани вечерва пред граѓаните на главниот град.
Поставената воена опрема е дел од опремата која ја користат припадниците на инженерискиот сквадрон на копнените сили на Армијата на САД за Европа и на инженерискиот баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада на АРМ како и на четата на АБХО која се користи на заедничката вежба помеѓу двете Армии „Dragoon Guardian 17“.
На денешната отворена презентација присуствуваа заменик министерот за одбрана Беким Максути и амбасадорот на САД во Република Македонија, Н.Е. Џес Бејли.
Во изјава за медиум, заменик министерот Максути истакна дека оваа вежба е круна на соработка помеѓу двете армии.
„Билатералната соработка меѓу Македонија и САД е одлична и оваа вежба која е дел од соработката во одбраната покажува дека најголем поддржувач на Република Македонија за членство во НАТО се токму Соединетите Американски Држави. Република Македонија де-факто е подготвена уште денес да стане дел од Алијансата, меѓутоа се надеваме дека и другите пречки кои и се добро познати на јавноста, полека, со една позитивна клима и со еден добар пристап, ќе успееме да ги надминеме и што поскоро да бидеме дел од НАТО“ – рече Максути. Цивилно воената соработка со општините продолжува и наредните денови. Утре ваков вид на презентација ќе имаат можност да погледнат жителите на Штип и Велес.