Ловостојот за обичниот елен започнува на 01 февруари и завршува на 31 август.
Пред официјалниот почеток на ловната сезона за некои видови дивеч порано завршува ловостојот.
На 31 јули заврши ловостојот за дивиот јарец, како и за потполошка - препелица, гулаб гривнеж, гулаб-дупкар, див гулаб или гулаб пештерник, грлица, гугутка, шумска шљука, ридска или барска шљука, шлука, ливадарка или голем бекасин, мал бекасин, дива гуска, белочелна гуска, лисеста гуска, гуска глоговница, морски гуски (Branta sp.), дива пaјка или пајка глувара, берија или крѓа, пајка ластарка или калкурук, пајка пупчаница, црвеноглава, њорка или алмабаш, цуцулеста њорка, белоока њорка и лиска.
Овој месец пак, на 31 август, завршува ловостојот за обичниот елен кој започнува на 01 февруари.
Обичниот елен е распространет низ голем дел од Европа, Азија, Америка и Северна Африка. Постојат докази дека во РМ, еленот се одржал како автохтон вид на планината Кожуф. После ослободувањето повторно е населен на планините Пелистер, Караџица и на Јакупица.
Обичен (домашен) елен Мажјакот се нарекува елен, женката кошута, а младото еленче.
30 Роговје имаат само мажјаците. Тоа почнува да расте 8-10 месеци по раѓањето и прво се развива основата т.н. рожиште. Првото роговје има облик на шило. Елените роговјето го менуваат секоја година, во периодот од месец февруари до април, а до јули им се развива ново уште посилно роговје. Според бројот на израстоци (т.н.парози), елените се именуваат како шестерци, осмерци, десетерци итн.
Убавината и големината на роговјето кај еленот зависат како од неговата возраст и потекло, така и од квалитетот на исхраната. Сосема оформеното роговје може да тежи и 15 kg. Еленот како преживар се храни со растителна храна. Најчесто пасе на шумски ливади и ги брсти лисјата на дрвјата и на грмушките, при што понекогаш може да причини штети врз младите стебла и насади. Извесни штети може да причини и за време на чистењето на роговјето, кое го трие по гранките и по младите разгранети стебла.
Еленот е полигамен вид. Женките живеат со своите млади, кои ги предводи постара искусна кошута. Во месец септември и октомври елените со своето рикање го навестуваат периодот на парење. Во периодот на парење (во текот на месец септември и октомври), мажјаците жестоко се борат меѓусебе, а победникот му се придружува на крдото кошути. После свадбениот период мажјакот го напушта крдото на женките. Оплодената женка го носи младенчето околу 240 дена, а раѓа најчесто едно младо кон крајот на месец март и април, односно мај.
Еленот ги населува пространите шуми во планините, но се среќава и во низините. Често се одгледува и во шумските резервати, каде што на мала површина живеат поголем број на единки. Еленот главно е ноќно животно, кое преку ден се одмара во некое засолниште. Возраста на еленот се утврдува според општиот изглед и истрошеноста на забите, а не според роговјето кои паѓаат секоја година.
Животниот век на еленот е околу 20 години. Еленот има големо ловностопанско значење.