Согласно Законот за оружје, оружјето за кое се издава или не се издава дозвола е поделено во неколку категории.

Ловечко оружје е дефинирано како огнено оружје и кое согласно Законот за оружје се класифицира во Б и Ц категорија и исклучиво со такво оружје е дозволен лов согласно со прописите за ловство.

Категорија Б-оружје што може да се набавува врз основа на одобрение:

1) полуавтоматско или репетирачко кусо огнено оружје;

2) еднострелно кусо огнено оружје, со централно палење;

3) еднострелно кусо огнено оружје, со рабно палење со вкупна должина помала од 28 см;

4) полуавтоматско долго огнено оружје, со магацин и лежиште на куршуми кои можат да примат повеќе од три куршума;

5) полуавтоматско долго огнено оружје, со магацин и лежиште на куршуми, кои можат да примат до три куршуми и чиј полнач се менува, односно ова оружје може да се преправи, со помош на вообичаен алат, по што магацинот и лежиштето на куршумите можат да примат повеќе од три куршуми;

6) репетирачко и полуавтоматско долго огнено оружје, со нежлебена цевка со должина до 60 см и

7) полуавтоматско долго огнено оружје, за цивилна намена, што наликува на автоматското огнено оружје.

Категорија Ц-оружје што може да се набавува врз основа на одобрение издадено под олеснителни услови:

1) репетирачко долго огнено оружје, што не е опфатено со точката 6 од категоријата Б;

2) еднострелно долго огнено оружје со жлебена цевка;

3) полуавтоматско долго огнено оружје, што не е опфатено со точките 4, 5, 6 и 7 од категоријата Б;

4) еднострелно кусо огнено оружје со рабно палење со вкупна должина поголема или еднаква на 28 см;

5) еднострелно долго огнено оружје со нежлебени цевки;

6) адаптери;

7) пневматско оружје со кинетичка енергија од 10,5 Ј или повеќе или со брзина на проектил 200 м/с или поголема и калибар поголем од 4,5 мм;

8) оружје за светлосно-звучна сигнализација и

9) оружје со тетива со јачина на натегнување на тетивата над 45 килограми.“