Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за труд и социјална политика, за финансирање и буџет и за одбрана и безбедност.
Комисијата за одбрана и безбедност денеска ќе разгледува Информација за моменталната состојба на Дирекцијата за заштита и спасување, нивната опрема, технички средства, возила, механизација и резервите, како и степенот на обучување, оспособување и опремување на силите за заштита и спасување и човечкиот капацитет со кои располагаат.
Собраниската Комисија за труд и социјална политика ќе ја продолжи јавната расправа за Предлог-нацрт на Стратегија за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година и Предлог-нацрт на Национален акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.
Членовите на Комисијата за финансирање и буџет ќе расправат за Предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година, по скратена постапка - второ читање.
На дневен ред е и Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, по скратена постапка, во второ читање, поднесен од пратениците Томислав Тунтев, Мирсада Емини Асани, Јован Митрески, Јагода Шахпаска, Шпреса Хадри, Илија Николовски и Горан Мисовски.