Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство забранува целосно движење во шумите, без оглед на нивната намена. Забраната започнува да важи од денеска и ќе трае се до нејзино отповикување. Оваа одлука не важи за вработените во ЈП „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (Национални паркови, Парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл).
– Како мерка која што ќе биде преземена е тоа да не смее да се става во промет опожарено дрво. Во моментов додека сме ние на терен ангажирани се сите надлежни иституции во рамки на Министерството и и Државниот инспекторат за шумарство и ловство и насоки се бараат и од ЈП „Македонски шуми“ се со цел да стапи на сила токму оваа мерка која што сметаме дека ќе даде резултат, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски кој денеска беше на теренот кој е опожарен во скопското село Моране.
Министерот, кој е и член на Управувачкиот комитет за управување со кризи, во Моране беше придружуван од претставници на Центарот за управување со кризи.
– Во овие моменти најважно е да се задржи присебноста и граѓаните да имаат доверба во институциите кои се на терен. Ангажирани се Армијата на Република Македонија, хеликоптерите на АРМ, еден дојден е на помош од Република Бугарија и уште еден од Република Турција. Имаме пожарникари на терен, вработени во државни институции и се работи да се локализираат сите пожари, изјави Николовски. Додаде дека поради неодговорното работење на ВМРО-ДПМНЕ надлежните служби работат во нестандардни услови, со стара нефункционална механизација.
Николовски посочи дека во вакви тешки услови за работа, сите ангажирани лица даваат се од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите. За дел од нив, како што рече, постои сомнеж дека се намерно подметнати.
– Сите ангажирани лица на терен, припадниците на Армијата, војниците, прават натчовечки напори за што е можно побрзо локализирање и целосно гасење на пожарите. Веќе ја зајакнавме комуникацијата на институциите во однос на навремено информирање на граѓаните, а во наредниов период ќе се фокусираме и на зајакнување на одговорот. Тоа што сигурно како Влада ќе го направиме за во иднина ќе биде реформа во системот за одговор на кризи. Овој хаос наследен од минатата Влада ќе биде доведен во ред како и се друго во нашава земја и веќе нема да се случува, изјави Николовски.