Со усвојувањето на Законот за употреба на јазиците се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Македонија. Сите одредби во законското решение се согласно членот 5 од Уставот на РМ, а пакетот законски решенија го упатуваме на усвојување во Парламентот. Откако ќе биде усвоен тој ќе биде испратен на разгледување пред Венецијанската комисија, со предложените отворени прашања кои не се дел од овој закон.
Тоа денеска од Охрид го порача претседателот на Владата Зоран Заев, каде заедно со вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика дадоа појаснувања во врска со вчера усвоеното законско решение.
Тој истакна дека со понудените законски решенија се затвораат одредени прашања во интерес на граѓаните.
- Отворено и транспарентно информираме за политиките на Владата, нудиме решенија и горди сме поради тоа. Владата на РМ е определена на сите граѓани да им овозможи полесно да функционирааат во секојдневниот живот и во комуникациите со институциите. Го ветивме овој закон како дел од нашиот концепт „Едно општество за сите граѓани“, кој ја има поддршката од граѓаните и сметаме дека со негово усвојување покажуваме дека нема од што да бегаме, Владата покажува дека води грижа за сите граѓани. „Македонија за сите граѓани“ е концепт во кој силно веруваме. Новата Влада се определи за политики кои ја градат Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа, истакна Заев.
Тој појасни дека јазичните политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници.
- Особено значајно, овој закон целосно ја гарантира употребата на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локалната самоуправа. Со законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението, што значи дека законот согласно ова ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе им овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик, рече тој изразувајќи уверување дека на тој начин полесно ќе се комуницира со институциите.
Премиерот нагласи дека во иднина употребата на јазиците ќе зависи исклучиво од законот, а не од тоа кој раководи со институцијата.
- Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат останатите граѓани, а добива Република Македонија како граѓанска и демократска држава, нагласи тој.
Заменик-премиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика истакна дека со одлуката за усвојување законот за јазици Владата покажа подготвеност за придвижување на работите нанапред.
- Минатата седмица оваа Влада постигна еден важен договор за добрососедски односи со Република Бугарија. Заедно со вчерашната одлука таа демонстрира подготвеност да ги води процесите во државата во посакувана насока, рече Лика.