Велика Британија е подготвена да плати 40 милијарди евра во рамки на договор со Брисел за излегување од Европската унија, објави Сандеј телеграф.

Според весникот, кој се повикува на владини извори, Лондон е подготвен да ја плати таа сума како дел од поголема зделка во која би било и потпишување трговски договор со ЕУ.

ЕУ предлага Лондон да плати околу 60 милијарди евра за покривање на преземените обврски кон буџетот на заедницата и бара постигнување значителен прогрес за британските финансиски долгови пред да почнат преговорите за такви сложени прашања како што е идниот трговски договор.

– Знаеме дека ставот на ЕУ е 60 милијарди евра, но...нашата позиција е 30 милијарди евра и прифатливо би било и 40 милијарди евра, иако се уште не е дојдено до таа состојба, вели изворот за весникот.

Друг извор тврди дека Британија нуди минимум 30 милијарди и максимум 40 милијарди евра, а трет нагласил дека Тереза Меј сака да плати „над 30 милијарди евра“.