Министерството за труд и социјална политика ќе ги адаптира постоечките детски игралишта на територија на општина Центар, со што тие ќе бидат достапни и за децата со попреченост кои живеат на територија на град Скопје.
Тоа, како што соопшти денеска МТСП, е дел од неговата одговорност и визија за постигнување инклузивно општество и продолжување со спроведување активности за подигнување на свеста во општеството и учење на различностите од најрана возраст.
Адаптацијата подразбира оформување простор со реквизити кои би биле достапни и за децата со инвалидитет, што на овие дечиња ќе им обезбеди безбедно да си играат, социјализираат и ќе им се овозможи поттикнувачка средина за правилен раст и развој.
Ќе се извршат адаптациите и ќе се монтираат инклузивни реквизити на локациите кај Градски ѕид (Агромеханика, во близина на Соборен храм, Автомакедонија, зад Краш) и Зелен пазар, зад Алфа банка), како и во Капиштец - Парк, во близина на Заводот за вработување и кај Трговскиот центар Зебра.
Реализацијата на овој проект е во партнерство со Националниот Сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија „Мобилност Македонија“ и општина Центар.