Еврокомесарот за буџет Гинтер Етингер очекува дека Европската унија ќе ја прекине помошта за Турција во износ од повеќе милијарди евра поради односот на турската Влада против неистомислениците.

Етингер за германскиот весник „Билд“ изјави дека помошта од 4,3 милијарди евра е издвоена со намара „Турција да се приближи кон Европа“.

Помошта, меѓу останатото, опфаќа обука на судии и обвинители и би требало да биде продолжена до 2020 година.

- Во контекст на политичката ситуација во Турција не можам да замислам да продолжи финансирањето на таквите проекти, рече Етингер.

Турција отпушти повеќе илјади судии и обвинители поради сомнение дека се поврзани со имамот Фетулах Ѓулен по обидот за пуч минатата година.