Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на денешната средба во Хелсинки со својот фински колега Тимо Соини ги презентираше клучните реформски приоритети на новата Влада и нејзините активности за што побрзо отворање на европската перспектива на Македонија.

– Димитров го образложи и новиот конструктивен пристап кон надворешната политика, насочен кон враќање на нашите меѓународни пријатели и градење односи на доверба со сите свои соседи и развој на опиплива регионална соработка. Во овој контекст, Димитров се заблагодари за принципиелната поддршка на Финска во процесот на наша интеграција во ЕУ, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

Министерот Соини ја поздравил реформската определба на новата Влада, истакнувајќи дека Финска ќе продолжи да ги поддржува напорите на Македонија за враќање на европската перспектива и зачленување во Унијата.

Министрите Димитров и Соини ја потврдиле и подготвеноста за интензивирање на политичкиот дијалог помеѓу двете пријателски земји и размениле мислења за прашања поврзани со подинамичен развој на билатералните односи во повеќе области од заемен интерес. Исто така, се разговарало и околу можноста за возвратна посета на министерот Соини на Македонија оваа есен.

– Престојот во Хелсинки министерот Димитров го искористи и за средба со високи претставници од Министерството за образование и култура на Финска и подетално запознавање со нивниот образовен модел, како земја лидер на светско ниво во оваа област. Имајќи ги предвид позитивните искуства и резултатите во сферата на финските образовни политики, беше изразена добра волја за споделување експертиза која би била полезна за македонскиот образовен систем, се вели во соопштението.

Престојот на Димитров во Финска беше прва посета на македонски министер за надворешни работи во оваа држава по 2012 година.