Со воена свеченост денеска во кумановската касарна „Боро Менков“ беше одбележан 25-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија. Во пригодниот говор, командантот на Здружената оперативна команда, (ЗОК), бригадниот генерал Зоран Милески, рече дека денешната свеченост ја доживуваат како охрабрување дека заедно се посилни и поодлучни во изградбата на Армијата, нејзината борбена готовност и во одбраната на татковината.
- Бевме рамо до рамо со нашите граѓани во добро и зло како што впрочем, тоа го чиниме и денес во овие топли денови под македонското небо во справување со пожарите, во справување со поплавите, чувањето на нашата граница асистирајќи и на полицијата, но и рамо до рамо со нашите сојузници во Авганистан Либан, Босна и Херцеговина, рече Милески.
АРМ, додаде, а во тој контекст и ЗОК и сите вие овде во овој строј, рече бригадниот генерал, се респектабилен чинител и фактор во општеството.
Милески истакна дека во наредниот период од припадниците на Армијата очекува единство и почитување на принципите на одбраната, во зачувувањето на територијалниот суверенитет и интегритет на Македонија.
- АРМ ќе го продолжи своето чекорење кон интеграцијата во НАТО алијансата. Сите овие години направивме значајни чекори кон изодувањето на тој пат. Ќе ја интензивираме обуката на единиците, особено на декларираните единици, претстојните вежби „Здружена реакција“ и „Македонски блесок“ ќе бидат само уште една потврда за тоа, рече Милески.
Во говорот пред присутните истакна дека Армијата ќе продолжи со учество во мировните операции во странство, како и подготвка на капацитетите за посамостојна логистичка поддршка на составите упатени во мировни операции.
На денешната свеченост се говореше и за историјатот за формирањето на Армијата. На 18 август 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ.
На денот на АРМ беа прочитани телеграмите со честитики, а дел од припадниците беа унапредени, наградени и пофалени.
На прославата присуствуваа претставници на државната управа, јавните установи и служби, претставници на локалната самоуправа, правни лица и граѓани со кои Армијата соработува. Присутните имаа можност да разгледаат и дел од вооружувањето со кое располага Армијата.