На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје вечерва се одржа Централната свеченост за одбележување на 25-годишнината од формирањето на Армијата на Република Македонија. На свеченоста, се обратија претседателот Ѓорге Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Врховниот командант и претседател на РМ Иванов порача дека АРМ во наредниот период треба да се прилагоди на новите текови во светот и предупреди на се почестите терористички напади во светот, но и на нелегалната миграција.

-Стратегијата за одбрана што треба да се донесе до крајот на оваа година треба да го дефинира поставувањето на системот за одбрана во услови на превенција, справување со закани и отстранување на последици од предизвикани непогоди и загадувања. Планирањето на одбраната не ги опфаќа само вооружените сили, туку и учеството на граѓаните, државните органи, приватните лица, цивилното општество, медиумите. Бидејќи наша споделена должност е да се грижиме за Република Македонија, рече македонскиот претседател.

Планирањето на одбраната, како што рече претседателот Иванов, подразбира купување, развој и производство на технологии за одбранбени капацитети.

– Располагаме со ресурси и капацитети кои се неискористени само затоа што не се вмрежени. Треба конечно да научиме да ги користиме домашните капацитети на научно истражувачките институти и правни лица од областа на автоматиката, роботиката, ИТ комуникациите. Да ги користиме овие капацитети за сервис на дронови, производство на заштитна опрема за војници и заштита за возила и муниција. Мора да инвестираме во технологијата, бидејќи не можеме да се справуваме со неконвенционални закани користејќи конвенционални средства, рече претседателот Иванов.

Според македонскиот претседател, повеќе од кога и да било порано на Македонија и е неопходна воено – цивилна соработка, која според него е потребна за единство меѓу Армијата, државните органи, граѓаните и локалната самоуправа во одговор на заканите, непогодите и загадувањето со кое се соочуваме. Армијата, потенцира, мора да се трансформира и правилно распореди во 8-те плански региони за да одговори на основната мисија и идните задачи.

Сево ова, според претседателот Иванов, е неопходно бидејќи оперативната средина се менува и, како што рече, се почесто ќе се справуваме со климатските екстреми на природата и со насилниот екстремизам на човекот.

– Поради глобализацијата на насилниот есктремизам и радикализам, се почесто ќе се соочуваме и со заканите од илегална миграција и меѓународен тероризам. Веќе две години имаме прогласено кризна состојба за заканата од илегална миграција. Истовремено, речиси секојдневно сме сведоци на до сега невидени терористички напади ширум Европа. Бидејќи кругот на одговорност не е затворен, рече претседателот Иванов.

Поради глобализацијата на сајбер заканите, оцени тој, се почесто ќе сме сведоци на држави кои се жртви на напади, саботажи и воспоставување на контрола врз нивните електродистибутивни мрежи, комуникациски и банкарски системи.

Нагласи дека во наредниот период АРМ треба да се посвети на четири клучни забелешки, а тоа се помош во кризниот менаџмет, поддршка на Министерството за внатрешни работи во борбата против евентуален урбан тероризам, борбата против илегалната миграција и тероризмот, како и сајбер одбраната.

Министерката Шеќеринска истакна дека патот кон формирањето Армија во изминатите 25 години бил исполнет со бројни предизвици за кои, како што рече, најголемиот дел од припарниците на АРМ го знаат многу подобро и од неа и од многу претходни и идни министри.

– На тој пат учевме од нашето искуство и традиција од нашите пријатели и сојузници и партнерски настапуваме во справување со регионалните и глобалните безбедносни предизвици. Денеска АРМ рамноправно учествува во меѓународни мировни мисии и добива највисоки оценки за подготвеност. Армијата на своите плеќи ја носи одговорноста за нашата безбедност, а ризиците и на светската и домашната сцена драстично се менуваат, рече Шеќеринска.

Додаде дека тоа значи оти никој никаде не е безбеден и сигурен и никој не може да се изолира од нив, но, оти секој од нас може да ја зголеми нашата заедничка отпорност, со што, како што рече, во голема мерка ќе помогне исполнувањето на нашата стратешка и консензуална определба – членство во НАТО Алијансата.

– Државите кои се зачленија во НАТО станаа побезбедни, политичките околности им станаа попредвидливи стабилноста донесе повеќе инвеститори, а правната држава и посилен економски раст. Ја користам можноста да ги повикам сите припадници на АРМ, на МО да ја сработиме оваа наша заедничка визија, Македонија членка на НАТО сигурна и просперитетна со Армија, рече министерката за одбрана.

Ја цитираше, како што рече, најпозната руска кралица која пред 3 века, рекла „силен ветар започнува, може да ни даде ветер во грб, но и да ни создаде главоболки“.

-Најверојатно мислела на ветерот на промени. Не сме најголеми и најсилни, но можеме и мораме да бидеме мудри и брзи да ги носиме вистинските одлуки да создаваме вистински партнерства да гледаме подалеку и да дејствуваме побрзо, истакна таа.

Претседателот Иванов ги одликуваше командата за обука и доктрини, баталјонот за почести и четвртиот механизиран пешадиски баталјон од Првата механизирана пешадиска бригада здружена оперативна команда при АРМ со орден за воени заслуги, за особени заслуги, исклучителен придонес во јакнењето на одбранбената способност во зачувувањето на суверенитетот независност и територијалниот интегритет на РМ, како и за успешно претставување и афирмирање на АРМ во меѓународни рамки.

На почетокот на централната прослава, која се одржа во присуство на претставници од државни институции, локални самоуправи, амбасади, граѓански здруженија …, од касарната „Илинден“ се изврши почесна стрелба со испалување 10 плотуни од артилериски орудија.

На 18 август 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, беше формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Денот на формирањето на баталјонот се смета за роденден на АРМ.