Постои политичка посветеност за интензивирање на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и продлабочување на економската соработка, порачаа премиерите на државите од Западен Балкан од неформалниот самит што се одржува во Драч, на кој учествува и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
- Заедничкиот настап на економски план на државите од регионот пред Европа ќе значи создавање поголем пазар и поголем интерес за инвестирање во нашите држави, а со тоа и нови инвестиции и нови работни места на нашите граѓани, рече премиерот Заев на собирот во Драч.
Заев ја пренесе определбата на Република Македонија за интензивна регионална соработка што ќе го олесни движењето на стоки и луѓе и ќе придонесе за развој на нови идеи и проекти што би можеле да бидат привлечни за инвеститорите од Европа.
- Регионот е насочен кон мир и заедничка иднина во евро-атлантските интеграции. Има позитивна клима за соработка и ова ќе придонесе кон напредок на државите во евро-атлантските интеграции, рече премиерот Заев.
Во изјава за медиумите по средбата, Заев истакна дека премиерите на замјите од регинот деенска во Драч имале можност да го стават во функција акцискиот план договорен во Трст, и да се развијат идеи како тој да донесе бенефит за сите граѓани од регионот. На средбата, посочи македонскиот премиер, се разговараше и за проширување на роамингот од ЕУ во делот на Западен Балкан, за восоставување на заеднички транспортни центри за проширување на делот на услугите во медицината и дигиталните технологии, јави известувачот на МИА.
На новинарско прашање што е разговарано со српската премиерка Ана Брнабиќ, Заев рече дека имале пријатна билатерална средба на паузите од двете сесии и дека добил покана за државна посета што веројатно ќе ја реализираат во ноември по завршувањето на локалните избори во Македонија.
- На самата средба ќе ги унапредиме сите видови на соработка. Постои голем потенцијал за унапредување на економска соработка со Србија. Договоривме втората повратна посета да биде заедничка седница на двете влади. Србија и Македонија имаат извонредни билатерални врски и верувам дека оваа криза е завршена. Тоа го знам уште во моментот кога се чув со претседателот Александар Вучиќ. Имавме долг разговор и ги разгледавме сите прашања. Со неколку реченици ги затворивиме овие прашања и се насичивме на перспективите, рече Заев.
Прашан како како Македонија ќе гласа за приемот на Косово во УНЕСКО, шефот на македонската Влада, кажа дека нема апликација за прием на Косово и оваа година ова прашање нема да се дискутира.
- Јас се надевам дека во моментот кога ќе се дискутира ќе имаме навистина посоодветни и навистина подобри околности по ова прашање. Регионот мора да гледа само позитивно со перспективи напред, а никако да дава причини кој било од земјите за нарушување на меѓусоседските или регионалните односи на земјите, рече Заев.
Посочи дека се единствени по однос на тоа што значи интерес на граѓаните на целиот регион на Западен Балкан.
- Покрај интересот за полноправно членство во ЕУ имаме интереси да го унапредиме економскиот квалитет на животот на на граѓаните, рече Заев.
На новинарско прашање за Законот за законот за употреба на албанскиот јазик, Заев рече дека значењето на овој закон се покажува со тоа што тоа е дел од Програмата на Владата.
- Владата го донесе законот. Ќе се разговара за законот во септември во Парламентот. Очекувам, и уште еднаш ја покануваме опозицијата да учествува во тоа. По гласањето на законот, Венециската комисија и нашите инстиуции ќе имаат можност да дадат коментар за него. Новиот закон ги поврзува нашите граѓани и сакаме да го подобриме законот бидејќи е право на нашите граѓани на начин за градење на едно општество за сите граѓани во нашата земја, рече Заев.
Прашан дали била понудена помош за решавање на проблемот со името на денешниот самит, Заев рече дека тоа е билатерално прашање и очекува негово решавање низ дијалог воден преку Обединетите нации и медијаторот Метју Нимиц.
- Очекувам до крајот на годината да има нови идеи од Нимиц за решавање на овој проблем. Убеден сум дека позитивниот амбиент што постои во целиот регион и позитвниот однос на Македонија со сите земји од регионот може само да бидат од полза за решавање на вака чувствително прашање, рече премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите по денешната средба на премиерите на земјите од Западен Балкан во Драч.