Имавме пет важни одредници, не водеа пет важни принципи: да ги вратиме парите кај граѓаните, да обезбедиме економски развој за подобар живот, да ги направиме институциите во служба на граѓаните, во сите наши одлуки граѓаните да препознаваат отворена и реформска влада и да ја промовираме нашата земја Македонија како пријател на соседите, која цврсто чекори на патот кон НАТО и ЕУ, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција по повод поминатите сто дена од формирањето на Владата.

- Зборот сега е реалност. Дадениот збор се претвори во конкретна придобивка. Оваа Влада е влада на граѓаните и на нивните интереси. Ги препознавме тие интереси и креираме најдобри решенија за нив. Уште повеќе решенијата стануваат реалност, преточени во мерки од полза на граѓаните кои во исто време се инспирација за нови потфати, истакна премиерот заев во отчекот.

Тој укажа на фактот дека пред стотина дена почна акцијата за враќање на парите кај граѓаните и посочи дека оваа Влада уште на стартот се соочила со големиот предизвик да направи ребаланс на Буџетот, во чие креирање, како што рече, таа не учествуваше.

- Наша задача беше да ги лоцираме непродуктивните трошоци и да најдеме начини парите да ги пренасочиме кон граѓаните и компаниите. Оваа Влада има намера да се однесува домаќински со парите на граѓаните. Само со кратење на премиерскиот буџет, обезбедивме 420 милиони денари. Обезбедивме дополнителни една милијарда и 245 милиони денари во Фондот на ПИОМ за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците на вториот пензиски столб и уште 200 милиони денари, рече премиерот Заев во обраќањето по повод „Сто дена Влада“.