Предлог-законот за употреба на јазиците е последното легалистичко прашање со кое се затвораат отворените прашања од Рамковниот договор, кој е преточен и во Уставот, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
- Читајќи го Охридскиот рамковен договор којшто е преточен и во Уставот на РМ, ова е последното легалистичко прашање што е во форма на закон, се затвора. Затоа кога одите по затворањето на отворените прашања по Охридскиот договор, ние официјално стоиме како Влада дека е последно отворено прашање. Но, Охридскиот договор има дух. Тој дух меѓу другото вели рамномерна застапеност на граѓаните во сите институции, дури и во приватниот сектор и насекаде, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање „дали има гаранции од коалициските партнери од ДУИ и од Алијансата за Албанците дека ова навистина е последното отворено прашање“.
Во Собранието денеска почна дебатата по Предлог законот за употреба на јазиците. Тој е доставен со европско знаменце и за него расправаше Комисијата за европски прашања.
На прашањето зошто Владата се одлучила Предлог-законот за употреба на јазиците да го достави до Собранието со европско знаменце, а не да биде во редовна постапка, премиерот Заев истакна дека тоа било направено заради тоа што е дел од Националната програма за усогласување на законодавството на патот кон реформите или нашата интеграција кон ЕУ.
- Тоа е дел од Планот 3-6-9 и е многу логично да биде со европско знаменце заради тоа што не само што е дел од Планот 3-6-9, тоа е дел и од Националната програма за усогласување со европското законодавство. Знаете колку Европа дава важност на различностите коишто се вградени како темелни вредности во ЕУ и затоа логично е тоа да се случува, рече Заев.
Отворивме, рече тој, еден транспарентен процес со многу искрени намери во рамките на Уставот на РМ конечно да го донесеме на транспарентен начин унапредувањето на употребата на јазиците во РМ.