Ние не сме против референдум, не сме против да се донесе одлука против градење станови за бегалци, но не можеме да гласаме за референдум во ситуација кога за тоа нема потреба, изјави денес координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.

На прес конференцијата што ја одржа Стојаноски на ден пред одржувањето на седницата на советот на чиј дневен ред е токму предлог одлуката за распишување на референдум на локално ниво, како што претходно беше кажано од страна на советниците од ВМРО ДПМНЕ, поради плановите на актуелната власт за градење станови за згрижување бегалци, координаторот на СДСМ потенцира дека нивните советници ќе гласаат воздржано, пренесе охрид њус.

На неговата прес конференција реагираше Сашо Стефаноски, поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, кој потенцираше дека СДСМ со нивното воздржано гласање против изградба на станови за бегалци, во суштина ја поддржуваат и се согласуваат со намерата бегалци да се населат во Охрид.

„СДС повторно против интересите на Охрид и охриѓани

Кандидатот за градоначалник од СДС најави дека тој и неговата партија ќе гласаат како "воздржани" по однос на прашањето за градење на станови за бегалци и доселување на бегалци во Охрид!

Гласањето како "воздржан" е еднакво како гласање ЗА да се градат станови за бегалци во Охрид!

Видете и слушнете што ни спремаат!

ВМРО-ДПМНЕ е категорично против градба на станови за бегалци и доселување на бегалци во Охрид и Македонија!“ напиша Сашо Стефаноски на својот фејсбук профил како одговор на прес конференцијата на Стојаноски.