Собранието на Република Македонија не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. За интерпелацијата во рамки на 13-тата собраниска седница гласаа 43 пратеници, а против се изјаснија 56.

Пратеникот Антониот Милошоски, образложувајќи ја интерпелацијата, рече дека Никола Димитров како министер за надворешни работи потпиша договор со соседна Република Бугарија којшто за Софија е многу поволен, но за Република Македонија е штетен.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, во одговорот за поднесената интерпелација рече дека е изненаден што е поднесена пред истекот на 100-те дена од изборот на Владата, поточно на 71. ден откако ја презел функцијата министер за надворешни работи и покрај тоа што и претходно само на 34. ден од неговото назначување на 4 јули на покана од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието реферирал за неговата работа во првите 30 дена.

На дневен ред на 13-тата седница се и интерпелациите за работењето на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика, Љупчо Николовски и Мила Царовска. Седницата ќе продолжи во 16 часот.