Граѓаните на Македонија имаат најмала доверба во полицијата меѓу сите членки на ЕУ и државите кандидати за членство, покажува истражувањето на Евробарометар.

Доверба во полицијата имаат 34 проценти од Македонците, додека 61 отсто не и веруваат. Останатите проценти не се изјасниле во врска со довербата кон полицијата. Најголема доверба во полицијата имаат Финците 95 отсто, Данците 93 и Швеѓаните 87.

По Македонија, најмала доверба во полицијата има во Словачка 43 проценти, во Бугарија 44, Црна Гора 47 и во Србија 48 проценти.

Истражувањето на Евробарометар е спроведено во мај годинава и се направени споредби со истражувањето од ноември лани, период во кој се случија повеќе настани на политичката сцена во Македонија. Кај граѓаните на Македонија, поради политичката криза и насилствата во Собранието на 27 април е забележан значителен пад на довербата во полицијата за седум отсто, додека довербата во војската паднала за два проценти.