Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека стравувањето на светот од избувнување на нуклеарна војна е на највисоко ниво во последните неколку децении.

Тој обраќајќи се на отворањето на генералната дебата во рамкита на Генералното собрание на ОН посочи дека „милиони луѓе живеат во страв како резултат од провокативните нуклеарни и ракетни тестови на Северна Кореја“.

Гутереш најостро ги осуди севернокорејските нуклеарни тестови и го повика Пјонгјанг и ситег земји во светот во целост да ги почитуваат сите договори со ОН.

– Само единството може да обезбеди денуклеаризација и решавање на кризата, посочи Гутереш.

Тој предупреди дека сразмерно на подбуцнувачките говори и закани расте и опасноста од вооружен конфликт.

– Државите треба да покажат посветеност кон свет без нуклеарно вооружување, посочи Гутереш.

Генералнито секретар на ОН истакна дека светот денес е поделен како никогаш во поблиското минато.

– Нашиот свет е во проблем. Граѓаните се загрозени и се повредени. Глобалните економии се се поинтегрирани, но нашата свест за заедништво е се повеќе поделена. Ние сме поделен свет, а потребно е да бидеме единствен свет, потенцира Гутереш, додавајќи дека „само заеднички може да се воспостави мир и подобар свет“.

Португалскиот дипломат оцени дека тероризмот е голем предизвик на сегашноста и оти во борбата против овој проблем неопходна е меѓународна соработка.

Тој во својот говор се осврна и на прашањето за климата, укажувајќи дека од година во година проблемот станува се поголем, а елементарните непогоди се се побројни.