Собранието на Република Македонија денеска го одржува петтото продолжение на 15. седница на која пратениците расправаат по Предлог-законот за употреба на јазиците во прво читање. Во дебатата доминираа репликите на пратениците од опозицијата, кои посочија дека предлогот е неуставен, неделовнички, воведува двојазичност на цела територија, дека е решение што разединува и решение со кое се сака да се покријат лошите резултати на новата Влада.

Пратеникот од мнозинството Петар Атанасов од СДСМ посочи дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува законот значи дека тргнале во погрешен правец.

-Тоа го покажуваат сите релевантни анкети освен онаа вашата измислената. Сте тргнале во погрешен правец бидејќи не разбирате што се случува. Затоа што се уште живеете во маглата што ја создадовте. Во маглата во која убивавте медиуми. Ја убивте јавноста и го убивте јавниот збор. Таа магла си отиде. Ја снема веќе. Со одењето на маглата го изгубивте монополот врз лагата. Не се работи за нашите вистини различни. Се работи за нашите вистини наспроти вашите лаги. Се уште живеете во лагите на вашиот ПР, затоа што вие и вашето раководство сакате да избегате од одговорноста и да го покриете вашето лошо владеење, рече Атанасов.

Според него Албанците сакаат да живеат во едно заедничко граѓанско, демократско општество, а, како што и реплицираше на Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, „вие ги туркавте настрана и ги искорумпиравте“.

– Сакате се уште да живеете во минатото. Таму сте најсигурни, најбезбедни, затоа што не треба да мислите, туку само да извршувате. Такви му бевтге потребни на вашиот лидер. И сега барате дебата, посочи тој..

Праша што овој закон него лично му загрозува. – Мојот идентитет? Мојот јазик? Мојата татковина?, праша Атанасоски.

Благица Ласоска потенцира дека на граѓаните на РМ им треба закон што обединува, а овој не обединува, туку води кон федерализација, рече Благица Ласоска од ВМРО-ДПМНЕ која додаде дека тој нема да го подобри животот и стандардот на граѓанинот.

Порача дека треба да се носат закони што ќе обединуваат, а не да разединуваат.

Забележа дека СДСМ кога е на власт има стратешка определба распродажба на националните интереси и оти сега ќе направи двојазичност.

Антонијо Милошоски истакна дека овој закон не е за граѓаните, туку на поединци кои најчесто се функционери, за покривање на корупција, но и за да се покријат сите неуспеси на новата Влада.

– Имаме пад на индустриското производство од минус 2,2 проценти, имаме пад на просечната плата во јуни од минус 0,7 и пад во јули од 0,6 проценти, просечната плата која што требаше да биде 500 евра паѓа два месеци по ред. Тоа не се случило во Македонија во последните 11 години. Имаме рецесија од минус 1,8 проценти. Сите растат, Македонија е во рецесија. Затоа е потребен закон за да се покријат сите овие неуспеси, рече Милошоски.

Дарко Костов, исто така, потенцираше дека се работи за класично неуставен закон и неделовнички со кој се затскриваат реалните проблеми со кои се среќаваат граѓаните.

– Главните проблеми се најавата дефинитивно за напуштање на Џонсон Контролс од Македонија и неколку илјади вработени треба да одат надвор и да бидат стечајци. Се најавува и напуштање на уште една странска инвестиција во Кочани. Просечната плата паѓа, економијата паѓа. Тоа се реалните проблеми што сака да ги затскрие оваа Влада со вакви неделовнички закони, истакна Костов.

Трајко Вељаноски оцени дека потегот што се прави е изигрување на граѓаните и предложи во заклучоците при гласањето да се вметне став дека треба да се спроведе јавна дискусија.

– Ако сте искрени и ако сакате јавна дискусија да спроведеме и да вметнеме во заклучокот јавна дискусија и тогаш ќе бидете искрени дека сакате трајно решение и еднаш засекогаш да се реши, рече Вељаноски.

Љупчо Димовски смета дека законот е неуставен, неделовнички, непотребен и шптетен по интересите на граѓаните и државата

– Бараме да се прекине расправата, односно да се спроведе јавна расправа. Потебна е дебата на која сите авторитети, експерти и академската јавност ќе го дадат својот придонес во креирање нов текст кој ќе биде најсоодветен и реално ќе биде спроведен. Се друго е штета на македонскиот граѓанин, рече Димовски.

За Димитар Стевананџија законот е шверцерски бидејќи никој не се запрашал како стасал овој закон во Парламентот без бројчето од ЕК.

– Бројчето што го барате нема да го добиете. Проблемот е што сакаат на еден лош начин да го протнат кај граѓаните, рече Никола Мицевски.

Дафина Сојаноска од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека со овој закон дефинитивно се редефинира РМ и се почнува со основање трета федерална албанска држава на Балканот. Ова е крајната политичка цел на овој Предлог закон која умесно се крие зад наводното унапредување на примената на албанскиот јазик.

– Дали и каде припадниците на македонскиот народ во соседните земи уживаат барем еден процент од правата кои Албанците ги имаат тука во РМ. Дали и каде етничките Македонци надвор од Македонија студираат на својот јазик, дали имаат електронски и печатени медиуми и портали, дали таму го употребуваат македонскиот јазик во постапките пред сите институции, а утврдено со закон согласно устав или каде во друга држава освен во Македонија Албанците какко малцинство уживаат вакви права. Никаде, рече Стојаноска.

Пратеникот од мнозинството Ферид Мухиќ истакна дека предлог законот нема никаква лингвистичка дилема, не ги дискриминира помалите заедници, не го загрозува македонскиот идентитет, напротив смета дека допрва ќе имаме можност да се легитимираме како бранители на македонскиот јазик и идентитет бидејќи, како што рече, соседите го доведуваат во прашањето и јазикот, името и идентитетот.

Расправата по оваа точка пратениците ќе ја продолжат по редовната пауза.

На дневен ред на седницата се измени и дополнувања на Законот за употреба на македонскиот јазик, за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија и за издавање на вредносни бонови – ваучери, поднесен од група пратеници, сите во прво читање.

Пратениците треба да расправаат и по интерпелациите за работата на министрите за финансии, култура и животна средина и просторно планирање, Драган Тевдовски, Роберт Алаѓозовски и Садула Дураку, поднесени од група пратеници.