Српскиот офицер за врски во амбасадата на Република Србија во Македонија Горан Живаљевиќ немал побарано дозвола, ниту имал право тоа да го побара од македонската контраразузнавачка служба, или од македонските власти, изјави вечерва директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Николовски, во интервју за ТВ „Телма“.
Според него, Управата за безбедност и контраразузнавање дотогаш имаше одлична соработка со српката безбедносна служба БИА и со нејзиниот офицер за врски во Македонија, како дел од оперативната соработка што УБК ја имала со 50-тина странски служби.
Николовски во кусото интервју беше дециден дека во Македонија веќе не се прислушува без судска наредба.
- Се прислушува само легално, веќе нема нелегално прислушување, дециден беше Николовски.
Директорот на УБК, исто така, потврди дека во нивната служба навистина постои комбе, но тоа не е жолто, дека било набавено за офанзивни активности и дека, сè уште, се утврдува за што точно било користено.
Околу забелешките на Прибе, нотирани во неговиот втор извештај за состојбите во Македонија и особено за потребата од реформа на безбедносните служби, Николовски истакна дека реформата на УБК ќе оди во два правца и тоа во делот на дислоцирањена опремата за следеење на комуникациите и посебно на законските измени за кои, како што кажа, ќе бидат потребни неколку месеци тие да пристигнат во Парламентот.