Иницијативи за одговорност на осум судии од Основниот суд-Скопје 1, Апелациски и Врховен суд, за несовесно постапување и злоупотреба на службена положба во предметите по кои постапувале, денеска поднесе невладината „Зелена Лупа”, а, како што велат, по препорака на анализа на правен експертски тим.

- Конкретно денеска до Советот за утврдување на факти поднесени се пет иницијативи за одговорност против судии во Врховниот суд за постапување во случајот со бизнисменот Сеад Кочан на кој илегално му овозможиле ослободување од притвор. Се работи за врховните судии Рахилка Стојковска, Џемали Саити, Јово Вангеловски-Пртседател на Врховниот суд, Ристо Катавеновски и Фаик Арслани, информираа од „Зелена лупа“.

Невладината организација вчера поднела три иницијативи против судии во скопскиот Кривичен суд и Апелациониот суд-Скопје поради тенденциозно и пристрасно одлучување на штета на оштетениот и тоа до судиите во ОС-Скопје 1-Скопје Милка Ангелковска Васевска, Џенета Бектовиќ и Марин Станевски.

Претходно од „Зелена Лупа“ беа поднесени иницијативи за одговорност против судии за несовесно постапување и злоупотреба на службената положба во случајот „Музеј на Македонија“.

Од невладината организација соопштија дека по сеопфатни анализи и препораки на правниот експертски тим, досега имаат поднесено Иницијативи за одговорност за вкупно 23 судии од скопското судско подрачје, но за судии од судови во внатрешноста.