Не смееме да го спориме унапредувањето на јазиците на сите наши заедници. Треба тоа да го разбереме. Велиме, добро, поради чувствителноста на проблемот, и заедниците треба да имаат разбирање дека македонскиот јазик е интегративен и обединувачки. Но, најбитно е, кога ќе се дискутира за овие работи, меѓу науката да се зборува со факти и аргументи, а во политиката не смее да има ултиматуми и заканувања, независно дали доаѓаат од македонската или условно кажано, од албанската страна.

Ова го истакна претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) Таки Фити во вечерашното интервју на телевизија Телма.

Фити порача дека е неопходно да се работи низ заеднички проекти, образование, комуникација, низ проучување на традициите, обичаите и различностите и да се обединуваме со заемна толеранција.

На прашањето за името со Грција, претседателот на МАНУ констатира дека во науката и културата проблемите се помали и додаде дека е неопходно, токму во овие сфери соработката да продолжи.

Се осврна и на економнската состојба, заклучувајќи дека во моментов објективна опасност од банкрот на државата нема.

– Владата многу брзо треба да го формира фискалниот совет, во него да стави експерти кои ќе кажуваат што да се прави. Има некои работи и принципи во врска со водењето на фискалната политика кои се страшно руинирани. Не може големи проекти финансирани од Буџетот да се пуштат без претходно да се видат трошоците и ефектите. Што добивме ние од овие непродуктивни инвестиции врзани со „Скопје 2014“? Официјално е 600 милиони евра, можеби и повеќе, а не носи пари за враќање на долговите, нагласи Фити.

Интервјуто со академик Фити беше по повод одбележувањето 50 години од основањето на МАНУ.