Побрзо собирање документи и информации потребни за остварување на правата за надомест на штета при сообраќајна несреќа на територијата на Словенија ќе добијат македонските граѓани со денеска потпишаната Спогодба за заштита на посетители меѓу националните бироа за осигурување на Македонија и Словенија. Ваквата услуга, согласно спогодбата, ќе ја добијат и словенечките патници на територијата на Република Македонија.
Спогодбата денеска ја потпишаа генералниот директор на Националното биро за осигурување на Република Македонија Трајче Латиновски и директорката на Националното биро за осигурување на Република Словенија Маја Крумбергер.
Со спогодбата е предвидено оштетното лице, кое претрпело штета на територијата на другата држава, по враќање во матичната држава, да се обрати во своето национално биро за осигурување, кое во соработка со бирото на државата во која се случила незгодата, ќе овозможи побрзо собирање документи и информации потребни за остварување на правата за надвомест на штета.
Тоа претставува олеснување за возачите од двете држави, бидејќи нема да мораат да ги нарушуваат или одлагаат своите деловни или туристички патувања за да ја наплатата штетата. Со спогодбата ќе можат правото на надомест да го остварат и по враќањето во матичната држава со помош на националните бироа.
– Оваа спогодба значи дека на граѓаните им се дава една услуга за побрзо и поефикасно остварување на своите права од Република Македонија кога патуваат во Словенија или престојуваат или транзитираат, рече Латиновски.
Тој додаде дека на овој начин граѓанинот нема потреба да губи време и да троши средства за да обезбеди документ, туку по обезбедување на документите го упатува оштетното барање во комапнијата во кое било осигурано возилото што му причинило штета и го оствартува правото на надомест.
Како што посочи на овој начин Националното биро на Македонија прави напори да се приближиме кон директивите на ЕУ за на побрз начин да се решаваат оштетните побарувања.
Директорката на словенечкото Национално биро за осигурување рече дека ова е уште една дополнителна услуга добиваат во делот на зелениот картон за патување надвор од границите на Република Македонија.
– Ова е дополнителна услуга кое нашите бироа го даваат на осигурениците. Значи на нив ќе им го олесни животот и тој ја потврдува и досегашната добра соработка меѓу двете институции, рече Крумбергер.
Националното биро на Македонија има потпишано вакви спогодби со скоро сите држави во регионот во текот на 2016 и 2017 година и до крајот на следниот месец се очекува да потпише и со Националното биро на Албанија,
Според Латиновски на тој начин со тоа потпишување сите региони каде има најмногу фреквенција и патувања ќе има граѓаните адекватн а заштита.