Починатите бебиња биле од високоризични бремености кои резултирале со предвремено породување и ниска родилна тежина, утврди стручната комисија која ја истражува смртта на четирите новороденчиња кои починаа во една ноќ на скопската клиника за гинекологија

„Врз основа на разгледаната медицинска документација и разговорите со здравствените работници од страна на Комисијата се констатира дека е постапено во согласност со предвидените медицински протоколи, соодветен третман пред породувањето, правила индикација за оперативно завршување на предвремено започнато породување, запазени анестезиолошки процедури, успешно спроведена примарна стабилизација на новородените како и соодветно спроведена постнатална интензивна нега и терапија“, стои во соопштението од министерството.

За овој случај се огласија и педијатрите. Пренатрупаноста на одделот за интензивна нега, недостиг на персонал и несоодветни хигиенски услови се едни од главните причини за зголемување на морталитетот кај новороденчињата. Докторите бараат нова опрема и вработување на стручен кадар.

Бебињата починаа ноќта меѓу четвртокот и петокот минатата седмица на клиниката за гинекологија во Скопје, а дежурната лекарка која требало да се грижи за нив си заминала од работа среде смена. Таа веднаш била суспендирана. Во моментов се собираат извештаи од докторите и медицинските сестри кои биле на работа таа ноќ а на терен е и државната инспекција која испитува дали има пропусти во хигиенско санитарните услови.